ВЕЛЕС ДОМАЌИН НА ПРВАТА СТРИП КОЛОНИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Оваа недела, во Велес се одржува стрип колонија, според организаторот, прва од таков вид во земјава. Со учество на 16 автори, тие творат во просториите на Средношколскиот интернат. Учествуваат девет автори од Македонија, шест од Србија и еден од Црна Гора.

„До идејата за реализација на стрип колонија дојдовме по реакциите на учесниците на меѓународниот стрип конкурс за Стрип салонот дека им се потребни поблиска соработка и дружење, за да можат да разменуваат идеи и искуства. Работилниците кои ги одржувавме на Стрип салонот траеја кратко и се учеа почетни работи. На оваа колонија ќе добиеме финални, готови производи, оригинали кои остануваат во наша сопственост. Нив ќе ги искористиме за Стрип салонот во октомври, кога ќе ги изложиме пред посетителите“, рече Ване Трајков, претседател на Стрип центарот на Македонија, организатор на колонијата.

Авторите творат на слободна тема, според сопствената инспирација. Ментор на колонијата е проф. Владимир Весовиќ од приватната школа за стрип, илустрации и концепт арт „Ѓорѓи Лобачев“ од Белград, која работи 27 години. Од неа се излезени цртачи кои работат за познати издавачи во Франција, Белгија, Италија, САД, Германија…

„Повеќето автори се млади, немаат толкаво искуство, тука се дојдени да учат и јас им помагам на секој можен начин. Таму кадешто грешат да ги исправам. Ова не е ликовна, графичка или вајарска колонија, туку за стрип, која е далеку посложена уметност. За овие неколку дена не може да се нацрта стрипот, да се заврши, освен ако не е полуготов или готов. Затоа треба да се дефинираат односите за наредните колонии. Или овде ќе се започне со цртањето на стрипот, па ќе се заврши дома и ќе се врати на организаторот или ќе се дојде со безмалку готов стрип, кој тука ќе се заврши и остави. Сепак, за изработка на стрип е потребно далеку повеќе време“, рече Весовиќ.

Нацртаните стрипови ќе бидат во конкуренција за првата награда на веќе објавениот интернационален стрип конкурс, со рок до 20 септември, а со тоа и за објавување во ревиите „Стрип креатор“ и „Алманах“.

П. ПЕЧКОВ