УАПСЕНИ ТРОЈЦА НАСИЛНИЦИ ОД 27 АПРИЛ СО ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ЗАБЛАГОДАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Полицијата ги уапси сите тројца осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април за кои побара од граѓаните да помогнат во нивната идентификација. МВР претходно на својот веб сајт објави фотографии од три лица по кои што трага на барање на Скопското обвинителство со апел до граѓаните да пријават каква било информација во врска со нив.

Утринава, пак, уапсени беа петмина осомничени за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, објави Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО).  Ова доаѓа речиси шест месеци по крвавите настани од 27 април, кога голема група граѓани насилно упадна во Собранието, при што најтешко настрадаа Села и идниот премиер Зоран Заев.

  • Првите апсења поврзани со 27 април се случија на 10 мај, кога беа приведени две лица, татко и син. Полицијата утврдила дека тие физички го нападнале и го влечеле лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
  • По завршувањето на првиот круг на локалните избори, ОЈО објави дека истрагата за обидот за убиство на Села е проширена на уште пет лица. По барање на јавниот обвинител, тие се лишени од слобода.
  • Сите се товарат за кривичното дело убиство во обид, сторено во соизвршителство.
  • МВР објави фотографии од уште три лица кои учествувале во упадот во Собранието и се важни за постапката и апелираше до граѓаните да помогнат во нивно идентификување. 
  • Јавното обвинителство на Република Македонија им се заблагодари на граѓаните со чија помош е утврден идентитетот на лицата чии фотографии беа објавени.