ЧИЛЕ ОТВОРИ ПЕШАЧКА ПАТЕКА НИЗ ПАТАГОНИЈА ДОЛГА 2.800 КИЛОМЕТРИ

Сантјаго, (Би-Би-Си)

Чиле низ дивината на Патагонија отвори огромна патека за пешачење, за да го поттикне туризмот и да ја нагласи потребата од заштитата на природата.

Наречена Маршрута на паркови, таа има должина од 2.800 километри, протегајќи се од градот Пуерто Монт до ‘ртот Хорн.

Оваа патека е направена според идејата на „Томпкинс конзервејшн“, фондацијата основана од американскиот милијардер Даглас Томпкинс и неговата сопруга Кристин, кои голем дел од животот го поминале во Чиле. По смртта на Даглас, фондацијата донираше голема сума пари на владата.

Патеката е животно дело на американскиот милијардер Даглас Томпкинс и неговата сопруга Кристин (Фото: Гети)

Со овие пари било откупено земјиште, што овозможило да се создаде мрежа од 17 национални паркови, а со тоа и Патагониската маршрута.

„Сакаме Чиле да биде меѓународно препознато по најспектакуларната пешачка маршрута на светот, што ќе биде основа за економски развој базиран на чистата природна средина“, изјави Каролина Морхадо, извршен директор во „Томпкинс“.

Овој огромен ненаселен предел е познат по своите езера, водени текови и богати флора и фауна.