ЗЛАТАРНИЦА ОД ДУБАИ ПРОДАВА ЧЕВЛИ ОД 17 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Дубаи, (Ројтерс)

Чевли украсени со дијаманти се продаваат во Дубаи по цена од 17 милиони долари.

Тие се изложени во витрина во облик на дијамант, а се направени од златна кожа, украсена со повеќе од 100 карати од беспрекорни дијаманти поставени на бело злато.

„Мислам дека имаме потенцијални купувачи овде. Дубаи е град на милионери и милијардери. Во иднина, ќе понудиме чевли и со рубини и со сафири“, изјави Хемани Карамчандани, директор на златарницата „Страствен накит“, која ги стави чевлите на продажба.

Идејата за чевлите доаѓа од неговата партнерка, 26-годишната Марија Маџари, која студирала мода во Дубаи и во Лондон. Таа забележала дупка на пазарот, на кој се нудат ултраскапи алишта и чанти, но не и чевли.

Дијамантите траат вечно, но не и кожата, но во цената е вклучена доживотна гаранција.