БРАНДЕНБУРШКАТА ПОРТА КРУНИСАНА СО ФОТОИНСТАЛАЦИЈА

Берлин, (Дојче веле)

На Денот на германското единство, 3 октомври, познатиот уличен уметник Џеј-Ар ќе ја трансформира Бранденбуршката порта во 25-метарска фотоинсталација, во знак на сеќавање на падот на Берлинскиот ѕид.

Инсталацијата е поставена на западната страна на портата (Фото: ДПА)

Французинот Џеј-Ар, кој е познат во светски рамки по неговите фотомонтажи, на западната страна на портата постави големи фигури на гранични војници од Источна Германија и сето тоа изгледа како 3-Д ефект.

Како основа за инсталацијата, тој искористи една од легендарните фотографии од падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989. На неа, граѓани на Берлин седат и танцуваат на ѕидот, додека војници стоечки гледаат во нив.

Оригиналната фотографија од 1989 година, која е основа за инсталацијата (Фото: ДПА)

Џеј-Ар себеси се нарекува посветен уметник. Идентитетот, колективната меморија, егзилот и имиграцијата се во фокусот на неговата работа на уличната сцена. Неговите фотоколажи се наоѓаат на ѕидови во Либерија, Њујорк, Германија, Турција и Хаити.