Поп ѕвездата Тејлор Свифт конечно се огласи која политичка страна поддржува и тоа не помина без реакции. Очекувано, и од Доналд Трамп.
„Музиката на Тејлор Свифт сега ми се допаѓа 25% помалку“, им кажа Трамп на новинарите.
Дваесет и осумгодишната Свифт долго време се држеше настрана од политиката и сега призна дека на претстојните избори за Конгресот ќе гласа за двајцата демократски кандидати во Тенеси, нејзината матична држава. Таа се изјасни на Инстаграм, каде што има 112 милиони следбеници.
„Во минатото, не сакав јавно да зборувам за политика, но поради неколку настани во мојот живот и во светот во последните две години, сега се чувствувам многу поинаку по тоа прашање“, кажа Свифт, првенствено критикувајќи ја републиканката Марша Блекбурн.
Не требаше долго да се чека на одговор од Трамп.
„Госпоѓа Блекбурн одлично си ја врши работата. Таа е неверојатна жена и сигурен сум дека Тејлор Свифт не знае ништо за неа“, изјави Трамп, кој порано ја опишуваше Свифт како „фантастична“ и „извонредна“.