ТИЛДА СВИНТОН ПРИЗНА ДЕКА ИГРА И 82-ГОДИШЕН МАЖ ВО „СУСПИРИЈА“

Лондон, (Гардијан)

Тилда Свинтон употреби многу шминка и протези за да се маскира во 82-годишен маж за потребите на својот последен филм.

Педесет и седумгодишната оскаровка е во главната улога во римејкот на култниот хорор „Суспирија“, заедно со Дакота Џонсон, Клое Грејс-Морец и со, како што беше кажано, дебитантот во деветтата деценија од животот, Луц Еберсдорф.

Откако на фотографиите беше забележана голема сличност помеѓу Свинтон и Еберсдорф, кој го игра психоаналитичарот Јозеф Клемперер, режисерот Лука Гвадањино во прв момент ги отфрли сугестиите дека станува збор за иста личност.

Но, „измамата“ беше разоткриена од самата Свинтон, која кажа дека секој ден од снимањето била шминкана четири часа и дури ѝ биле додавани лажни машки гениталии. За таа цел бил ангажиран двократниот оскаровец Марк Кулиер, кој со протези целосно ѝ ги изменил вратот и вилицата.

За да внесе дополнителна забуна, Свинтон дури отворила профил за „актерот“ Луц Еберсдорф на сајтот „ИМДБ“.