Игор Стевковски-Стевац ја доби наградата „Љупчо Филипов“ за развој и афирмација на стрипот во Македонија на 16. Меѓународен стрип салон во Велес, на кој учествуваа 185 автори од 24 земји.

Тој 15 години е присутен во секој број на печатеното издание на неделникот „Фокус“, каде ги третира дневно-политичките настани во Македонија.

Меѓународниот стрип салон го организира Стрип центарот на Македонија (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Барем кај нас во Македонија, инспирација за дневни настани не недостига. Сценаристите се менуваат сите овие години како го работам стрипот, а илустрациите се мои. Планирам да издадам една стрип книга со избор од моите епизоди. Ќе биде тешко, оти ги имам 800“, кажа Стевковски, кој е дипломиран уметник, а работи како дизајнер во Бирото за филателија при „Македонски пошти“.

Меѓународниот стрип салон го организира Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес. Првата награда, која е парична, ја освои стрипот „Влез во харем“ на Србите Алекса Гајиќ (цртеж) и Марко Стојановиќ (сценарио).

На Салонот беа промовирани новите стрип изданија на Стрип центарот, издадени со средства од Министерството за култура.

„Годинава сме поскромни во издаваштвото, но, сепак, љубителите на стрип уметноста имаат пред себе три нови изданија. Имаме два броја на ’Стрип креатор’, каде се наоѓаат наградените стрипови од минатогодишниот салон, но и дел од македонските автори, со што ги афирмираме нашите творци“, рече Ване Трајков, извршен директор на Стрип центарот на Македонија (СЦМ).

На Салонот беа промовирани новите стрип изданија на Стрип центарот на Македонија (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во „Стрип креатор“ се споени десетина стрипови, меѓу нив и стрипот за Клопатара и за Итар Пејо. Тука е и Миле Топуз со третата стрип книга за доаѓањето на Словените на Балканот, во која како ликови се јавуваат Хацон, кралот Пребонд и Климент Охридски. Иако има 86 години, тој сѐ уште твори и веќе го нацртал стрип албумот за Св. Кирил и Методиј, кој СЦМ очекува да биде отпечатен следната година со поддршка од Министерството за култура.

П. ПЕЧКОВ