БОГ НЕ ПОСТОИ, ВЕЛИ СТИВЕН ХОКИНГ ВО ПОСЛЕДНАТА КНИГА

Лондон, (Си-Ен-Ен)

„Бог не постои, никој не управува со универзумот“ е заклучокот на славниот физичар Стивен Хокинг во неговата последна книга „Кратки одговори на големите прашања“, која беше објавена деновиве, седум месеци по неговата смрт.

Книгата, која беше довршена од неговото семејство, ги презентира одговорите за кои Хокинг вели дека ги спознал во текот на животот.

„Со векови постои верувањето дека луѓето со попреченост, како мене, живеат со клетва нанесена од Бог. Сакам да верувам дека сѐ може да биде објаснето поинаку, со законите на природата“, пишува тој.

На Хокинг на 22 години му бил дијагностициран редок вид моторна невронска болест и прогнозите биле дека ќе живее само уште две години. Болеста го остави во инвалидска количка, а зборуваше преку синтетизатор на глас.

Меѓу одговорите кои Хокинг ги презентира и кои ја изненадија јавноста се верувањето дека постои вонземски живот, дека вештачката интелигенција ќе биде попаметна од луѓето и дека патувањето низ времето не може да се исклучи. Тој исто така предвидува дека во следните стотина години луѓето ќе можат да патуваат секаде во сончевиот систем.

Последната порака на Хокинг до читателите е оптимистичка. На прашањето „како ќе ја ја градиме иднината“, тој вели:

„Гледајте нагоре во ѕвездите, а не долу во нозете“.