ИЗЛОЖБАТА „ДУХОВИТЕ НА АФРИКА“ ГО НАПОЛНИ МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музејот на Македонија во Скопје одамна не видел поголем интерес за еден свој настан. Вработените велат, сигурно едно десет години.

Стотици луѓе се појавија на отворањето на изложбата „Духовите на Африка“, посветена на ритуалната уметност на народите од западна Африка, прва од ваков вид во државата, па на експонатите едвај можеше да им се пристапи.

Позајмени од Музејот на африканската уметност во Белград, поставката содржи над 70 предмети, кои се дел од многу поголема збирка, собрана од југословенските дипломати Здравко и Вида Печер.

На изложбата, која ќе биде отворена до 17 декември, можат да се видат необични скулптури, маски, фигури, фотографии, таписерии и облеки, со потекло од Гвинеја, Гана, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Мали и сите се проследени со своја мистична приказна.

На отворањето на изложбата дојдоа и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, како и дел од учесниците на Скопскиот џез фестивал.

Г. КОНЕВ

(Фото: Г. Конев)