САГРАДА ФАМИЛИЈА 136 ГОДИНИ СЕ ГРАДИ БЕЗ ДОЗВОЛА, ЗА КАЗНА ЌЕ ПЛАТИ 41 МИЛИОН ДОЛАРИ

Барселона, (Би-Би-Си)

Катедралата Саграда фамилија, една од најславните туристички атракции на Барселона, се согласи да им плати 41 милион долари на градските власти, откако во изминатите 130 години се градела без градежна дозвола.

Спектакуларната базилика на архитектот Антонио Гауди, која почна да се гради во 1882 година, се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО, иако сè уште не е довршена.

Градоначалничката на Барселона Ада Колау го опиша договорот како историски.

„За возврат, статусот на катедралата ќе биде регулиран во текот на наредната година“, изјави Колау.

Сумата ќе се плаќа во наредните десет години и тие пари ќе бидат искористени за подобрување на јавниот транспорт и пристапот кон неа, како и на локалната населба.

Околу 4,5 милиони луѓе ја посетуваат Саграда фамилија секоја година и уште 20 милиони доаѓаат во нејзината околина. Предвидено е главната структура да биде завршена до 2026 година.