По експлицитните секс сцени во сериите „Игра на тронови“ и „Хрониките на Тајмс сквер“, Ејч-Би-О соопшти дека ќе вработи координатор за интимност, кој ќе проверува дали ваквите сцени се безбедни и удобни за актерите.
ТВ-гигантот прво ја ангажираше Алисија Родис да го надгледува снимањето на „Хрониките на Тајмс сквер“, во која се зборува за почетоците на порнографската индустрија во Њујорк во 70-ите години, но сега одлучи координатор да биде задолжително присутен на секое снимање на секс сцена.
„На сетовите има многу моќна динамика и голем притисок кај актерите, кои треба да се сконцентрираат и да го направат чинот“, вели Родис.
Нејзината работа подразбира пречитувања на сценаријата, организирање групни дискусии за тоа како ќе бидат снимени секс сцените, како и разговори со секој актер поединечно. Ако некоја сцена итно се додава во текот на денот, таа нема да се снима сѐ додека Родис не ги извести сите вклучени во неа.
„Мојата работа е да им дадам глас на актерите, особено на оние кои се чувствуваат невидливи. Им помагам и на продуцентите да се осигураат дека сцената е безбедна“, рече Родис.