Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ ги претстави таканаречените „комбинирани водители на вести“, при што се користат човечки ликови и гласови и вештачка интелигенција (АИ).
Според агенцијата, овие нови водители можат да ги пренесат вестите со ист ефект како човечките водители, бидејќи програмот е способен да долови реалистични говор, движења на усните и изрази на лицето.
„Овие водители и официјално станаа членови на известувачкиот тим на новинската агенција ‘Синхуа‘. Тие ќе работат со други водители за да ви донесат проверени, навремени и точни информации на кинески и англиски јазик“, соопшти агенцијата.
Водителите се важен сегмент на големите телевизиски мрежи во САД и најплатен меѓу нив е Андерсон Купер од Си-Ен-Ен, кој наводно заработува 100 милиони долари годишно. Познати водители во Кина не се така високо платени, бидејќи работат за државни медиуми.
Од друга страна, компјутеризираните водители се способни да работат 24 часа на ден, додека човечки уредници постојано им уфрлуваат содржини во системот.
„Вештачката интелигенција има неограничени можности, бидејќи значително може да ја зголеми ефикасноста и да ги намали дневните трошоци“, додаваат од „Синхуа“.