КУБАНЦИ И БИТОЛЧАНИ ЗАЕДНО ИГРАА ОРО НА ФЕСТИВАЛОТ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Кубанците од танцувачката компанија „Фламенко екос“, ѕвездите на годинашниот Фестивал на музика од светот, што викендов се одржа во Битола, пријатно ја изненадија публиката со инструменталната изведба на македонската патриотска песна „Слушам кај шумат шумите, буките“. По ова, Кубанците, заедно со битолчани, заиграа оро на сцената, кое потоа се прошири низ салата на Центарот за култура.

„Фламенко екос“ е светски позната група танчари и музичари, која е посветена на уметничката продукција, проучувањето и на промоцијата на фламенкото.

На Фестивалот на музика од светот, кој годинава славеше една деценија, а е во организација на Центарот за култура од Битола, публиката имаше можност да ужива и во концертите на „Синтезис“ и „Квартет“. „Синтезис“ ја промовираше и својата монографија за дваесетгодишното музичко постоење.

Селекторот на Фестивалот, Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“, одлучи својот хонорар за ангажманот да го донира во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Пред две недели, на прес-конференција, новинарите го запрашаа Јосифовски колкав е неговиот хонорар.

„Тоа е тајна. Годинава ќе свирам на сите концерти и ‘мерцедесот‘ на Грујо ќе ми го дадат на поклон“, кажа тогаш Јосифовски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА