АВТОМОБИЛИ НА ИДНИНАТА ЌЕ МОЖАТ И САМИ ДА СЕ ПАРКИРААТ

Сан Франциско, (Мешабл)

Во времето кога се развиваат самовозечки автомобили, компанија од Сан Франциско смета дека иднината е во автомобили кои сами се паркираат.

За оние кои имаат трауми од паралелно паркирање, тука е новиот патент на „СФ моторс“.

Патентираниот систем на автономно паркирање се базира на сензори, камери и ЛИДАР (ласерски систем кој ја мери далечината меѓу предмети), кои обезбедуваат податоци за компјутер, што потоа го насочува автомобилот како да се паркира. Сензорите му кажуваат на системот за предметите кои стојат на патот и колку тие се оддалечени, при што камерите имаат можност да препознаат пешаци, велосипедисти, автомобили, дрвја, рабници, сообраќајни знаци, маркери и други работи што можат да се сретнат на улица или на паркинг.

„Системот може да функционира во најразлични услови, без разлика какви се времето и видливоста надвор“, велат од компанијата.

Првите возила опремени со овој систем би требало да се појават во Кина кон крајот на следната година.