ИЗБРАНИ СЕДУМТЕ ФИНАЛИСТИ ЗА ТИТУЛАТА ЕВРОПСКИ АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА

Женева, (Мотор1)

Организаторите на изборот Европски автомобил на годината ги објавија имињата на седумте финалисти кои ќе се борат за престижната круна. По низа тестирања, тие беа издвоени од првичната поширока листа од 38 номинирани автомобили.

Организаторите на Твитер ги објавија имињата на автомобилите кои влегоа во најтесната конкуренција и тоа се: „алпин А110“, „ситроен Ц5 еркрос“, „форд фокус“, „јагуар И-пејс“, „киа сид“, „мерцедес А-класа“ и „пежо 508“. Единствено групацијата ПСА, во која спаѓаат „Ситроен“ и „Пежо“, има два финалисти, додека „И-пејс“ е единствениот претставник на електричните автомобили.

Името на победникот, кој на тронот ќе го наследи „волво Екс-Ц40“, ќе биде објавено за време на Женевскиот автосаем, што ќе се одржи во март.