КРАТЕРОТ КОРОЛЕВ НА МАРС СНИМЕН ВО ЦЕЛИОТ СВОЈ ВЕЧЕН ЗИМСКИ АМБИЕНТ

Париз, (Гардијан)

Европската вселенска агенција (ЕСА) покажа дека Земјата не е единствената планета со снежен амбиент во оваа сезона на празници.

Сондата „Марс експрес“ испрати неверојатни фотографии од кратерот Королев, што се наоѓа во близина на северниот пол на „црвената планета“, покажувајќи го целосно исполнет со мраз, кој таму се задржува постојано благодарение на студениот марсовски воздух.

Широк 82 километри, Королев содржи околу 850 кубни километри замрзната вода, колку што има и езерото Грејт Бер во северна Канада, а мразот во неговиот центар е дебел околу 1,5 километри.

„Марс експрес“ го фотографираше Королев со својата стерео камера во висока резолуција, способна да снима предмети со големина од десет метри.

Кратерот е именуван според ракетниот инженер и дизајнер Сергеј Королев, архитект на советската вселенска програма. Тој работел на првите мисии на Месечината, Марс и Венера, како и на програмата Спутник, која го лансираше првиот вештачки сателит.