Повеќе од четири децении од неговото појавување, најславниот филмски боксер Роки Балбоа конечно доаѓа во кино салите во Кина.
„Крид 2“, во кој Силвестер Сталоне ја репризира улогата на тренер на Адонис Крид, ќе биде првиот филм од франшизата „Роки“ кој јавно ќе се прикажува во Кина, а историскиот момент ќе се случи на 4 јануари.
„‘Роки‘ филмовите досега беа достапни во Кина само преку медиумите за стримување, но ‘Крид 2‘ првпат ја носи оваа легендарна франшиза во тамошните кино сали“, изјави извршниот шеф на студиото Ем-Џи-Ем, Хосе Гутиерес.
За првиот „Крид“ Сталоне освои Златен глобус и беше номиниран за Оскар, но најави дека планира да го пензионира ликот на Роки Балбоа.
„Ова, веројатно, е мојата последна трка“, изјави Сталоне на крајот на снимањето на филмот.
Од премиерата на 21 ноември, „Крид 2“ заработи 134 милиони долари на светско ниво и токму во Кина би можел да ја надмине заработката на првиот филм од 173 милиони.