„МАТПАКЕ“ – НОРВЕШКА КУЛТУРА НА ОДНАПРЕД ПОДГОТВЕНА УЖИНА ЗА ПАУЗА

Осло, (Би-Би-Си)

Секој ден во 11.30 часот, низ цела Норвешка почнува да се случува нешто чудно. Норвежаните тогаш посегнуваат во свои ранци или рачни чанти и од нив вадат завиткани четвртести пакувања и едни на други си посакуваат убав ден.

Овој феномен може да се види буквално секаде: на работни места, во училишта, во јавен превоз или на прошетка.

„Во Норвешка, не смеете претходно да погледнете во својот сендвич. Тој лесно се прави, лесно се носи наоколу и лесно се јаде, но може да биде разочарување“, вели Роналд Сагатун, кој води канал за норвешката култура на Јутјуб.

За разлика од останатите нации кои на пауза брзаат да фатат место во некој локал, чекаат во редици или трошат многу пари на брза храна, Норвежаните сѐ имаат организирано однапред. Секое утро, и така децении наназад, тие внимателно си пакуваат ужина, која се состои од три-четири парчиња леб и додатоци.

Оваа традиција се нарекува „матпаке“ и денес се смета за национална институција. Голем број деца си носат еден ваков пакет на училиште и потоа продолжуваат со оваа навика низ целиот работен век. „Матпаке“ е и првиот аспект на норвешката култура што го учат странските студенти.

Оваа традиција потекнува од 30-ите години на минатиот век, кога Норвешка сѐ уште била сиромашна земја и владата се обидувала на секој ученик да му обезбеди бесплатен оброк. Концептот подоцна бил усвоен и од возрасните, без разлика од која општествена средина доаѓаат.

Норвежаните работат само 38,5 часови неделно и секој вработен има пауза од точно 30 минути. „Матпаке“ е затоа практичен, бидејќи им овозможува на работниците целосно да се опуштат на пауза.