Лувр, најпосетениот музеј на светот, објави дека минатата година го урнал својот рекорд во бројот на продадени влезници, за што придонесол и спот на Бијонсе и Џеј-Зи.

Во 2018, 10,2 милиони луѓе влегле во музејот, што е пораст од 25% во однос на претходната година и подобро од рекордот од 2002, кога имал 9,7 милиони посети. Лувр со тоа е најпосетен музеј од ваков тип на светот, пред Националниот музеј на Кина и Метрополитен во Њујорк.

Речиси три четвртини од посетителите на Лувр биле странски туристи, најмногу од САД и Кина, а повеќе од половина од вкупните гости биле помлади од 30 години. За ова значително придонесол спотот за песната „Apeshit“, што Бијонсе и Џеј-Зи го снимија пред некои од најпознатите дела во музејот. Тој е прегледан на Јутјуб повеќе од 150 милиони пати.

„Јасно е дека 2018 беше исклучителна година за меѓународниот углед на Лувр. Спотот на Бијонсе, како и отворањето на Лувр во Абу Даби придонесоа за нашиот музеј многу да се зборува низ светот, а со тоа порасна и бројот на посетители“, изјави директорот Жан-Лик Мартинез.