В понеделник, во кафулето „Амбрела“ во Градски трговски центар ќе се одржи хуманитарна василичарска забава за помош на децата со посебни потреби од градинките во Општина Гази Баба.
Хуманитарниот настан насловен „Сите под еден чадор“ е организиран од Филозофскиот факултет и од Дирекцијата за заштита и спасување. Целта е со собраните средства да се купат дидактички материјали за работа со деца со посебни потреби. На влезот во кафулето „Амбрела“ ќе биде поставена кутија за донации, а 20 отсто од прометот за време на настанот ќе биде наменет за купување дидактички материјали.
„Хуманитарната василичарска дружба означува почеток на серија настани оваа година, со цел да се подигне општествената одговорност на институциите и приватниот сектор за децата со посебни потреби“, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Кафулето „Амбрела“ беше отворено на 7 ноември, како прв локал во кој гостите ги послужуваат лица со Даунов синдром, аутизам, физичка попреченост или со оштетен вид.