Теренци и големи пикап камионети ќе бидат во главна улога на претстојниот автосаем во Детроит, но се очекува да бидат промовирани и неколку изненадувачки спортски и електрични автомобили.
Најголемиот северноамерикански саем на автомобили ќе биде отворен за јавност од 19 до 27 јануари, но голем број реномирани компании нема да бидат присутни, на што се решија „Ауди“, „БМВ“, „Мерцедес“, „Волво“, „Порше“, „Јагуар“, „Мицубиши“ и „Ленд ровер“.
„Ова е последен пат саемот да се одржува во зима. Единствениот голем европски бренд кој ќе има свое катче е ‘Фолксваген‘, па годинава, саемот не е така интересен како изминативе години“, вели менаџерката за комуникации Џули Блекли.
Саемот утре ќе ги отвори своите врати за медиуми, но неколку модели беа или ќе бидат покажани пред официјалниот старт, при што „Форд“ настапи најспектакуларно, па го изведе новиот „експлорер“ на теренот на НФЛ-тимот Детроит лајонс.
„Кадилак“ вечерва ќе го претстави „XT6“ , семејно возило со три реда седишта, нешто помало од камионет, додека „Тојота“ ја враќа во живот „супра“, спортски автомобил кој разви култен углед додека беше на пазарот од 1978 до 2002 година. „Нисан“ и неговиот луксузен бренд „Инфинити“ утре исто така ќе промовираат две концептни електрични возила.