ЕВРОПСКИТЕ КОМПАНИИ СЕ ВРТАТ КОН ЕЛЕКТРИЧНА ИДНИНА – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД АВТОСАЕМОТ ВО ФРАНКФУРТ

Франкфурт, (Мотор1)

Европските автопроизводители вложија десетици милијарди евра во развојот на електрични и хибридни автомобили и сега се соочуваат со предизвикот да ги продадат.

„Фолксваген“, „Порше“, „Дајмлер“ и „Мерцедес-Бенц“ се меѓу компаниите кои ги претставија своите први електрични модели на Автосаемот во Франкфурт, што официјално се отвори денеска и тие наскоро ќе се најдат на пазарот, како најава на сѐ пошироката електрификација. Сепак, во услови кога нивните цени се сѐ уште доста високи, индустријата бара помош од владите, со цел да ги направат овие автомобили подостапни.

„Ламборгини сијан“

„Електричните автомобили нема сами да се пробијат. Субвенции и други олеснувања ќе играат голема улога“, изјави Херберт Дис, извршниот шеф на „Фолксваген“, кој во Франкфурт дојде со својот прв сеелектричен модел „ИД.3“.

Продажбата на електрични автомобили во Европа е сѐ уште доста слаба и во првата половина на 2019 тие учествувале со само 2,4% во вкупната продажба на автомобили во Европската Унија. Ситуацијата не е ништо подобра ни на глобално ниво.

„Норвешка нека ни биде пример. Половина од продадените автомобили таму се електрични. Оваа навистина мала држава му покажа на остатокот од светот како се прави тоа“, вели Хилдегард Вортман од бордот на „Ауди“.

„Фолксваген ИД.баз“

Според некои анализи, производството на електричен автомобил е за 12.000 долари поскапо од бензинците и ова немало да се израмни барем уште пет години.

„Само батериите чинат меѓу 5.000 и 7.000 долари по возило’, открива Дис.

„Мерцедес-Бенц вижн EQS“
„Мини електрик“
„БМВ концепт 4“
„Фолксваген ИД.3“