Пловдив, најстариот град во Бугарија, и официјално беше промовиран во Европски град на културата за 2019 година. Тоа беше обележано со свеченост на централниот плоштад, во присуство на околу 50.000 луѓе и со учество на 1.500 локални и странски уметници.

Сместен до планинскиот масив Родопи, вториот најголем град во Бугарија опстанал илјадници години како важна транзитна точка меѓу Западна Европа и Блиски Исток.

Оваа година, во Пловдив се планирани околу 350 културни настани (Фото: АП)

Пловдив тврди дека е најстариот постојано населен европски град, со историја од 6.000 години и своевиден доказ за тоа се архитектонските белези на тракиската, грчката, римската, византиската и на отоманската култура, што можат да се пронајдат тука. Врз разновидниот културен живот влијае и етничката различност, бидејќи голем број од неговите 340.000 жители припаѓаат на турското, ромското, ерменското, грчкото и на еврејското малцинство.

Оваа година, во Пловдив се планирани околу 350 културни настани, вклучувајќи ја изложбата што ќе содржи делови од Берлинскиот ѕид, со што ќе се одбележат три децении од неговиот пад.

(Фото: АП)

„Ова ќе биде пресвртна точка за Пловдив. Се подготвувавме четири години за овие настани. Сигурна сум дека после ова, Пловдив веќе нема да биде ист“, изјави уметничката директорка на „Пловдив 2019“, Светлана Кујумџиева.

Пловдив ја дели годинашната културна титула со италијанскиот град Матера.