„МЕТАЛИКА“, „ФУ ФАЈТЕРС“ И МАЈЛИ САЈРУС ПЕЕЈА ВО ЧЕСТ НА КРИС КОРНЕЛ

Лос Анџелес, (АП)

Тони Корнел запеа на петчасовниот концерт во чест на нејзиниот татко, легендарниот гранџ музичар Крис Корнел, што синоќа се одржа во Инглвуд, Калифорнија, неполни две години по неговата смрт.

Таа настапи во тандем со Зиги Марли, додека мајка ѝ Вики тешко доаѓаше до зборови во емотивниот говор, потсетувајќи на наследството што го остави Корнел, кој се обеси во хотелска соба во Детроит во мај 2017.

Зиги Марли и Тони Корнел (Фото: АП)

„Најдобриот совет што сум го добила од татко ми е дека неговиот успех не дошол од желбата за успех, туку произлегол од страста и љубовта кон она што го правеше“, кажа Тони Корнел.

Џими Кимел го водеше распродадениот настан, додека на сцената се изменуваа некои од најголемите рок музичари на денешнината и пријатели на Корнел, вклучувајќи ги и неговите колеги од „Саундгарден“ и „Аудиослејв“. Листата учесници ги вклучи и „Металика“, „Фу фајтерс“, Мајли Сајрус и Адам Левин.

Дејв Грол со членовите на „Металика“ и „Аудиослејв“ (Фото: АП)
Мајли Сајрус (Фото: АП)
Преживеаните членови на „Саундгарден“ (Фото: АП)