Фестивалот за современи уметности „Поп ап АКТО акција!“ ќе го има своето 12. издание, а програмата ќе се одвива на две локации во Скопје, кино „Култура“ (утре) и Железничка зграда (сабота).
Поддржан од Министерството за култура, фестивалот продолжува со концептот на промоција на нова македонска музика, особено на нејзино издавање на плочи, тренд што на големо се враќа и на глобално ниво. Ова ќе биде главна тема на АКТО музичкиот саем, што утре ќе биде отворен цел ден во кино „Култура“.
Во рамките на овој саем, ќе им се даде простор на независните издавачи и музичари да ги презентираат своите изданија и промо материјали, проследено со сетовите на Илина Ангел, Мирко Попов и Флодер, се разбира, на плочи.
Делот наречен АКТО за заедниците ќе се состои од два настани: ХНУ – Истражувачко студио за храна, наука и уметност преку готвењето ќе ја истражува поврзаноста на овие три дејности, а потоа в сабота, во Железничка зграда, ќе се одржи перформативно-истражувачки проект „Кога зградите би зборувале“, со специјален настап на „Дејви д Боуви+Паднатите од Марс“. Специфичност на овој перформанс е што во публика ќе може да има само 32 гледачи.