РАБОТА НА -25 СТЕПЕНИ – НАЈСТУДЕНИТЕ ПРОФЕСИИ НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Научници на Антарктик, специјалисти за лавини, фармери на Аљаска…, овие луѓе мора да истрпат некои од најсуровите временски услови на планетата кога ја вршат својата секојдневна работа.

ПОЛАРЕН ОКЕАНОГРАФ

„Во базата на Антарктик одиме во летните месеци, декември и јануари, кога температурите се околу -25 Целзиусови степени. Дневна светлина има 24 часа. Истражувачката база е мала, затворена заедница на научници и придружен персонал и една смена трае околу десет недели“, вели 27-годишната Мади Роузевер од Хобарт, Австралија.

МЕНАЏЕР НА ЛАДИЛНИК

„Внатрешните температури се движат меѓу -18 и -25 степени, но на крајот на ладилникот знаат да бидат и -30. Во складиштето е доста темно, како да сте во пештера и тука главно се складира месо. По половина час внатре, мојата брада почнува да замрзнува, а по два часа, изгледам како Дедо Мраз. Понекогаш и усните ми се залепуваат. Најчудно е во летните месеци, кога при излегување те заслепува сонцето и почнуваш нагло да се потиш“, вели Мет Бенет од Питерборо, Англија.

ПРЕДВИДУВАЧ НА ЛАВИНИ

„Во мојата работа многу стоиме во снегот. Ова го работам веќе 16 години и трениран сум да предвидувам, избегнувам и да ублажувам лавини, но и да ја едуцирам јавноста за нив. Ги проучуваме теренот и временските шаблони, бидејќи од нив сѐ зависи. За да обезбедиме една област, ставаме еден килограм експлозив во снегот за да создадеме притисок што ќе предизвика лавина. На тој начин ја минимизираме опасноста од лавини за луѓето“, вели Џими Тарт од Јута.

ОДГЛЕДУВАЧ НА КОЊИ

„Температурите во Ојмјакон се движат меѓу -20 и -50 степени во зима, а сум искусил и -67, но мора да работам надвор секој ден. Не ми пречи. Овдека живеат околу 1.000 луѓе. Дневно имаме најмногу четири часа светлина. Вакво време е нормално за нас и ништо не нѐ запира. Училиштата се затвораат само кога температурите ќе паднат под -52 степени“, вели Михаил Етигелов од Ојмјакон, Русија.

ФАРМЕР НА АЛЈАСКА

„Во моето село живеат 60-ина луѓе, покрај езеро кое е замрзнато од декември до мај. Најстудено е во март и најниската температура што сум ја почувствувала е -45 степени. Половина од мојата исхрана доаѓа од локалните риби, растенија и животни што ги ловиме, собираме и чуваме. Во летните месеци фаќаме најголем дел од рибата. Мора да фатиме и начадиме 700 лососи за да имаме залихи за цела година“, вели Рене Закар од Игуигиг, Алјаска.