ПРВИОТ РОБОТИЗИРАН ХОТЕЛ НА СВЕТОТ „ОТПУШТИЛ“ ПОЛОВИНА ОД РОБОТИТЕ

Токио, (Форбс)

Првиот роботизиран хотел на светот „отпуштил“ половина од својата роботска работна сила откако беше отворен.

Хотелот „Стрејнџ“, што се наоѓа во јапонскиот град Урајасу, го привлече интересот на светската јавност кога се отвори во 2015 година, но оттогаш, повеќе од половина од неговите 243 дроиди се исклучени од употреба, бидејќи правеле повеќе проблеми отколку што решавале.

„Сега е полесно, затоа што веќе не одговараме на постојаните поплаки од нашите гости да им помогнеме со роботите“, изјави еден од вработените.

Хотелот во прв момент се надеваше дека со роботи ќе го реши проблемот на недостиг на работници во руралната област во којашто се наоѓа. Тие требаше да прават сѐ, од мешање коктели до одговарање на најразлични прашања на гостите. Но, се покажа дека роботите не се доволно напредни за да го изведат сето она што се бара од нив, па на хотелот повеќе му се исплатело да ги тргне отколку да ги замени со нови.