„АЛИТА“, ПРОЕКТОТ НА ЏЕЈМС КАМЕРОН И РОБЕРТ РОДРИГЕС, ПО 15 ГОДИНИ КОНЕЧНО ДОЈДЕ ВО КИНАТА

Лондон, (Ројтерс)

Долгоочекуваната соработка на Џејмс Камерон и Роберт Родригес конечно пристигна во кината, повеќе од 15 години откако почна да се прави.

По неколку одложувања, „Алита: борбениот ангел“ синоќа ја имаше светската премиера во Лондон, но акциониот филм инспириран од јапонската манга беше пречекан со разочарување од критиката.

Приказната за сајбер хероината во постапокалиптичниот свет почна како интимен проект на Џејмс Камерон, кој откри дека ги откупил правата пред 20 години за својата ќерка, за потоа да му го предаде на Родригес. Првото сценарио беше напишано во 2004 година, а буџетот на филмот достигна до 150 милиони долари.

Манга филмовите досега тешко се пробиваа во Холивуд, но Камерон вели дека „Алита“ е поразличен.

„Знаеме дека ова е филм за широка публика. Сакаме таа да оди на оваа авантура заедно со Алита и да верува во неа и во нејзиниот дух“, изјави Камерон.

Во насловната улога е Роза Салазар, чии очи се значително зголемени со помош на специјални ефекти, а играат и оскаровците Махершала Али, Криштоф Валц и Џенифер Коноли. Филмот доаѓа во скопските кина на 14 февруари.