КУЌА ОД ОГЛЕДАЛА ПОСТАВЕНА ВО ШВАЈЦАРСКИТЕ АЛПИ

Гштад, (Дезин)

Американскиот уметник Даг Ејткен го доврши својот проект куќа од огледала, која е поставена во планините над швајцарскиот град Гштад. Структурата целосно покриена со огледала е именувана Привидение, бидејќи ја рефлектира околината и се претопува со неа.

Таа ќе остане на оваа локација две години и ќе биде во интеракција со планинскиот пејсаж како што се менуваат годишните времиња.

„Сега-засега е целосно минимална, бидејќи нема никакви бои и форми на неа. Цела е во бело, прекриена со ќебе од снег. Посетителите ќе можат да дојдат да ја видат и во други годишни времиња, во есен при невреме или во лето кога е сѐ зелено наоколу. Како што нашите животи се менуваат, така и делото ќе се менува“, изјави Ејткен.

Структурата може слободно да се разгледува, а бидејќи и внатрешноста е обложена со огледала, при влегувањето се добива ефект на калеидоскоп.

Ејткен претходно има поставено слични инсталации во банка во Детроит и во пустина кај Палм Спрингс.

„Ова дело го апсорбира пејсажот што го опкружва и ќе се менува како камелеон“, вели авторот.