НЕ ГО ЗАСЛУЖУВАМ МОЕТО БОГАТСТВО И ЗАТОА ЌЕ МУ ГО ОСТАВАМ НА СВЕТОТ, ВЕЛИ БИЛ ГЕЈТС

Њујорк, (Дејли мејл)

Бил Гејтс смета дека не платил доволно данок во животот и дека не заслужува да биде толку богат, додавајќи дека тој и останатите милијардери би требало повеќе да придонесуваат за светот.

Богатството на 63-годишниот Гејтс се проценува на 94 милијарди долари, кое потекнува од неговата компанија „Мајкрософт“, што ја основа во 1975 година. Таа денес е една од највредните компании на светот.

„Досега имам платено даноци во висина од 10 милијарди долари, но би требало да плаќам повеќе. Отсекогаш сум почитувал закони, но мислам дека работите би требало да бидат понапредни“, вели Гејтс.

Татко на три деца, тој е еден од малкумина милијардери кои имаат ветено дека поголемиот дел од своето богатство ќе донираат за добротворни цели. Тој и неговата сопруга ја водат фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, која е посветена на искоренувањето на гладот и на болести во сиромашните земји.

„Јас не го заслужувам моето богатство. Никој не заслужува толкаво богатство. Секако дека сум работел напорно и мислам дека софтвер е голема придобивка за светот, но и јас сум имал корист од системот. Мислам дека ако им ги оставам парите на моите деца, тоа нема да биде добро ни за нив, ни за општеството. Поголемиот дел од парите ќе одат во фондацијата“, изјави Гејтс.