Со темни очила, црно одело и со бела коса фатена во опавче, Карл Лагерфелд беше бренд самиот по себе.
„Јас сум карикатура на самиот себеси, но ми се допаѓа така“, кажа тој своевремено за својата појава.
Еден од најзначајните дизајнери на 20. и 21. век, кој го создаде прототипот на модерната луксузна модна индустрија, почина денеска во Париз на 85 години. Познат како Кајзер поради германското потекло, неговите влијание, визија и креативност беа неспоредливи во светот на модата.
„Повеќе од кој било друг, ти ја претставуваш душата на модата: неуморен, напреден и вродено внимателен за нашата динамична култура“, изјави уредничката на „Вог“, Ана Винтур, во 2015 година.
Креативен директор на „Шанел“ од 1983 година и истовремено дизајнирајќи за „Фенди“ и за својот истоимен бренд, Лагерфелд беше моден полиглот, способен во исто време да зборува со јазикот на неколку модни брендови. Во 1980-ите, тој во просек дизајнираше 14 нови колекции годишно, од висока до улична мода, што го направи омилен како кај кралски семејства, така и меѓу поп ѕвезди.
„Идеите доаѓаат само ако работиш“, кажа Лагерфелд и затоа никогаш не престана да твори, а беше и фотограф, уметник и писател.
„Карл, ти беше гениј, неверојатен талент и вечна инспирација“, напиша Донатела Версаче на Твитер.