Вселената што ја познаваме тукушто стана многу поголема.

Меѓународен тим на астрономи објави нова мапа на ноќното небо, на којашто се означени стотици илјади претходно непознати галаксии, кои се откриени со помош на телескоп што детектира извори на светлина. Тие велат дека нивната студија може да помогне да се разоткријат некои од најдлабоките тајни на универзумот, како физиката на црни дупки и развојот на галаксии.

„Ова е нов прозорец кон вселената. Кога ги видовме првите слики, не ни се веруваше што гледаме. Не личеше на ништо што сме го виделе досега“, изјави Сирил Тасе, астроном од Париската опсерваторија.

Тој е еден од повеќе од 200 астрономи од 18 држави кои биле вклучени во истражувањето, во кое беше користена радиоастрономија за да се испита сегмент од небото над северната хемисфера. Притоа се откриени 300.000 досега невидени извори на светлина, за кои се верува дека се далечни галаксии.

Групата користеше телескоп на ниска фреквенција во Холандија за да собере траги од древна радијација создадена при спојување на галаксии. Овие траги можат да се шират милиони светлосни години.