По повеќе од 40 години, „Ситроен“ го враќа во живот својот легендарен модел „ами“, што планира да го покаже на претстојниот Автосаем во Женева во едно сосема поинакво издание. Одбележувајќи 100 години постоење, француската компанија го најави концептот „ами уан“ како еден од два прототипа кои ја отсликуваат нејзината визија за иднината.
„Новото целосно електрично урбано возило е помалку автомобил, а повеќе алтернатива за мотоцикли, скутери и јавен превоз“, велат од „Ситроен“.
Два и пол метри долгиот двосед дури би можеле да го возат 16-годишници кои немаат возачка дозвола. Наменет за шемата на делење на автомобил, корисниците преку апликација ќе можат да го изнајмат „ами“ на временски период од пет минути до пет часа. Со резервација, би можеле да го имате малиот градски автомобил на пет дена, пет месеци, па дури и на пет години.
Малиот електричен мотор овозможува максимална брзина од 45 километри на час и поминување на дистанца од солидни 100 километри. Она што дополнително го прави неодолив се подвижниот покрив и вратите кои се отвораат во различна насока.
Засега нема потврда дека „ами уан“ навистина ќе се произведува, но доколку добие зелено светло, првата вистинска верзија би можела да се појави уште наредната година.