Илјадници танчари од прославените школи за самба од Рио де Жанеиро синоќа ги почнаа традиционалните паради како централен настан на најголемиот карневал на светот, кој формално беше отворен во петокот.
Вкупно 14 школи од таканаречената елитна „специјална група“ ќе земат учество во дводневните паради, што се одржуваат на специјално изградениот стадион наречен Самбадром и ќе се натпреваруваат за престижната титула на карневалот. Секое школо е претставено од 4.000 учесници, кои имаат 75 минути за своја точка.
„Карневалот е можност да се протестира и да се каже мислење без ограничувања. Луѓето не се задоволни со владата и го кажуваат тоа на карневалот“, вели 57-годишниот Жоао Маркос Марињо.
Голем број учесници преку своите костими и маски му се обраќаат на новиот претседател Жаир Болсонаро, кој често дава контроверзни изјави за ЛГБТ-заедницата, жените и за малцинствата.
Властите очекуваат седум милиони луѓе, од кои 1,5 милиони туристи, да земат учество на годинашната голема забава на улиците на Рио.
(Фото: Гети / АП / Ројтерс)