Соработката на Томи Хилфигер и американската актерка Зендаја го имаше своето деби на Модната недела во Париз и велат дека нивната колекција била инспирирана од модното шоу „Битка за Версај“ од 1973 година, на којашто се соочија некои од најголемите дизајнерски имиња од тоа време, како Кристијан Диор, Ив Сен Лоран и Оскар де ла Рента.
Оваа легендарна ревија се смета за пресвртна точка за американската мода, а остана запаметена и по тоа што на пистата прошетаа црни модели, што тогаш било вистинска реткост.
Хилфигер и Зендаја му оддадоа почит на овој момент, па за својата ревија ангажираа неколку црни жени кои оставија силен впечаток во модната индустрија, како Пет Кливленд, Беверли Џонсон и Вероника Веб, но вистинско изненадување приредија кога на пистата излезе Грејс Џонс.
Седумдесетгодишната пејачка, актерка и супермодел со потекло од Јамајка учествуваше во оригиналното шоу „Битка за Версај“ пред 46 години и сега покажа дека никогаш не престанала да биде стилска икона.