„Нетфликс“ објави нови фотографии од снимањето на третата сезона на „Круна“ со оскаровката Оливија Колман како кралицата Елизабета Втора, Во серијата, Колман носи син фустан и тијара, покрај Тобајас Мензис, кој го игра принцот Филип. Снимката е реплика на фотографија од 1968, кога кралицата присуствувала на настан во Кралската опера во Лондон.
Големи се очекувањата од Колман во улогата на британскиот монарх. Таа ја наследи Клер Фој, која ја играше кралицата во првите две сезони и доби Златен глобус и Еми.
„Нема да биде проблем за Колман да игра кралска улога, откако неодамна доби Оскар за ликот на кралицата Ана во ‘Миленичка’“, пишуваат британските медиуми.
Глумицата, пак, изјави дека ѝ беше потешко да ја игра Елизабета Втора, отколку кралицата од 17. век.
„Потешко е, бидејќи сите знаат како изгледа Елизабета Втора, како звучи и секој си има мислење за неа“, изјави Колман.
„Нетфликс“ сѐ уште нема објавено датум на премиерата на третата сезона.