ЗИМСКА БАЈКА НА „ШАНЕЛ“ ЗА ПОСЛЕДНАТА КОЛЕКЦИЈА НА ЛАГЕРФЕЛД

Париз, (АФП)

Презентацијата на последната колекција на Карл Лагерфелд за „Шанел“ на Париската модна недела почна со едноминутно молчење во знак на почит кон модниот гигант, кој почина на 19 февруари на 85 години.

Откако манекенките стоеја молкум на пистата во Големата палата во Париз, беа пуштени снимки со Лагерфелд како зборува за своите колекции, опишувајќи како еднаш на ревија му дошла и кралицата Елизабета Втора.

За оваа постхумна ревија, Големата палата беше претворена во зимска алпска бајка, со десетина бунгалови и вештачки снег, сценографија достојна на легендарните сетови на Лагерфелд.

(Фото: Ројтерс)

Ревијата ја отвори топ моделот Кара Делавињ, а дефилираа и имиња како Пенелопе Круз и Каја Гербер, ќерката на Синди Крафорд. Меѓу гостите беа и уредничката на „Вог“ Ана Винтур, Клаудија Шифер, која беше негова муза во 1990-ите и Моника Белучи.

Пенелопе Круз (Фото: Гети)

Лагерфелд го водеше „Шанел“ 37 години и оттаму соопштија дека официјално збогување ќе организираат во наредниот период.