Покриви со остри врвови и црна дрвена фасада се карактеристики на шумските куќарки што архитектонското студио на Питер Пичлер ги проектираше на Доломитите во северна Италија. Студиото од Милано ги има замислено дрвените куќи како хотелски соби, овозможувајќи им на туристите да се поврзат со природата.
„Веруваме дека иднината на туризмот се базира на врската помеѓу човекот и природата. Добро интегрирана, одржлива архитектура може да ја зајакне таа врска, ништо друго не е потребно“, велат од студиото.
Куќарките ќе зафаќаат простор од 35 и 45 квадратни метри и ќе бидат изградени од локални материјали. За ентериерот е планирано необработено дрво, за да се создаде потопла атмосфера во контраст со фасадата. На пониското ниво ќе има простор за одмор и читање, како и бања, а на горниот спрат се спалната соба и уште една помала бања.