ЏЕЈМС БОНД ПРВПАТ ЌЕ ВОЗИ ЕЛЕКТРИЧЕН „АСТОН МАРТИН“

Лондон, (Гардијан)

Џејмс Бонд за првпат ќе вози електричен автомобил, со цел овој популарен лик да се направи еколошки поосвестен.

Тоа е желбата на режисерот Кери Фукунага, кој планира Даниел Крег во новиот филм да вози лимитирана серија на „астон мартин“. „Рапид Е“ е првиот електричен модел на британската автокомпанија, кој ќе биде произведен во само 155 примероци. Неговата цена се движи околу 250.000 фунти.

Ова е револуционерен потег за франшизата, во која Џејмс Бонд вози „астон мартин“ повеќе од 50 години, почнувајќи со „Голдфингер“ во 1964.

„Оваа идеја на големо ја турка режисерот Фукунага, кој е голем љубител на природата. Многумина чувствуваат дека е време Џејмс Бонд да почне да вози автомобил со нулта емисија на штетни гасови“, изјави извор од продукцијата на 25. филм од серијалот, кој треба да излезе во април 2020.

Концептот на „рапид Е“ беше најавен во 2015, а негово производство треба да почне во последната четвртина на оваа година.