ЏОС СТОУН НАСТАПИ ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА НА СВОЈАТА УНИКАТНА СВЕТСКА ТУРНЕЈА

Пјонгјанг, (Би-Би-Си)

Џос Стоун настапи во бар во Северна Кореја во рамките на својата амбициозна турнеја, на којашто планира да ги посети сите држави на светот.

Британската пејачка беше снимена како пее пред 60-ина луѓе во бар во Пјонгјанг, а потоа и како посетува други локации во главниот град на една од најзатворените земји на светот. Таа влегла во Северна Кореја со помош на Британец кој организира тури низ земјата.

„Научив песна што се вика ариранг, која е национална песна на двете Кореи, што е многу убаво“, изјави Стоун.

На британските државјани не им е забрането да влегуваат во Северна Кореја, но Лондон препорачува да се оди само ако е неопходно.

Минатиот месец, Стоун тајно влезе и одржа мал концерт во Сирија, пред да се врати во Ирак. Откако ја почна својата „Тотална светска турнеја“ пред пет години, Стоун настапи во повеќе од 175 земји, вклучувајќи ја и Македонија.