Британската кралска ковачница издаде монета од 50 пени во чест на славниот физичар Стивен Хокинг, која симболично оддава почит на неговото пионерско откритие за црните дупки. Целта на почесната монета е да ги слави животот и светски значајните достигнувања на Хокинг, кој почина лани.

На паричката ги има неговите име и презиме над цртеж од концентрични кругови, кои ја претставуваат црната дупка. Британската дизајнерка и графичарка Едвина Елис вели дека сакала да стави „голема црна дупка на мала паричка“.

Паричката е достапна во златна и сребрена варијанта и нема да се користи како платежно средство.