СТАРИ СМЕ, НО СÈ УШТЕ ДОБРИ ВО ТОА ШТО ГО ПРАВИМЕ, ВЕЛАТ БРИТАНСКИТЕ РОКЕРИ „ХУ“ ПРЕД ПРОШТАЛНАТА ТУРНЕЈА

Лондон, (Ројтерс)

Се надевам дека ќе умрам пред да остарам“, пеат британските рокери „Ху“ на својот легендарен хит од 1965 година, „Моја генерација“.

Но, повеќе од 50 години подоцна, преживеаните оригинални членови на групата се подготвени за својата нова турнеја насловена „Одиме понатаму!“, како и да го издадат првиот албум по 13 години пауза.

Пејачот Роџер Далтри и гитаристот Пит Таунсхенд, сега во свои 70-ти години, се враќаат на сцена во мај, кога ќе почнат серија концерти во САД, Канада и Велика Британија, придружувани од оркестар.

Ние сега сме стари луѓе. Не можеме да се преправаме дека ќе биде како пред 40-50 години. Оркестар може да ја крене нашата музика до ниво да се чувствуваме возрасно, но луѓето не треба да мислат дека тоа ќе нè омекне. Ние ќе свириме до максимум, како што секогаш сме правеле“, вели 75-годишниот Далтри.

Ху“, чија оригинална постава ги вклучи и сега покојните Кит Мун и Џон Ентвисл, продаде повеќе од 100 милиони албуми откако се појави во 1960-ите години. За оваа година го најави својот 12. студиски албум.

Пит и јас сме среќни што сè уште сме живи и здрави. Среќни сме што сè уште можеме да ја свириме музиката со која пораснавме. Поминавме низ разни фази и предизвик е да се напише нова музика која ќе биде добра и ќе ни одговара. Но, ќе ви кажам дека сè уште сме добри во тоа што го правиме“, додаде Далтри.