Спој на новото и старото е темата на одбележувањето на 50-годишнината од одржувањето на славниот фестивал Вудсток, што ќе се случи од 16 до 18 август во Воткинс Глен, Њујорк.
Меѓу многубројните имиња кои се најавени се Џеј-Зи, Мајли Сајрус, Роберт Плант, „Имеџин дрегонс“, „Килерс“, „Блек Киз“ и ветерани кои настапиле на оригиналниот Вудсток во 1969 година, како Сантана, „Дед енд компани“ (бенд на поранешни членови на „Грејтфул дед“), „Кенд хит“, Дејвид Крозби, Џон Фогерти („Криденс клирвотер ривајвл“), Џон Себастијан („Лавин спунфул“), „Хот туна“ и Кантри Џо Мекдоналд.
Конципиран како „три дена мир и музика“, фестивалот беше инспириран од антивоените движења и од борбата за граѓански права и стана културен и историски феномен, на кој присуствуваа стотици илјади луѓе.
„Собравме музичари кои нема само да ве забавуваат, туку и ќе го потсетат светот дека музиката има моќ да ги зближува луѓето, да ги лекува, поттикне на акција и да раскажува историски приказни“, вели Мајкл Ленд, коосновач на Вудсток.
Билетите ќе се продаваат од 22 април.
„Не очекувам да биде исто. Расположението во земјата е поразлично. Среќен сум што можам да настапам и по 50 години и ќе свирам повеќето од песните што ги свиревме тогаш“, изјави Џон Фогерти.