БРИТАНИЈА ГО ДОБИ ПРВИОТ 3-Д ПЕШАЧКИ ПРЕМИН

Лондон, (Дезин)

Првиот пешачки премин со 3-Д зебра ленти во Велика Британија беше направен на улица во северозападен Лондон, со цел да ја подобри сообраќајната безбедност во таа област. Тој се наоѓа во близина на Еби роуд, улицата што ја прославија „Битлс“.

Лентите изгледаат како да лебдат над улицата, создавајќи оптичка илузија која е видлива за возачите од двете насоки. На овој начин, пешакот ќе може појасно да се забележи и возачот да ја намали брзината.

Пешачкиот премин на улицата Сент Џон Вуд во Вестминстер е дел од 12-месечни испитувања како да се намали бројот на сообраќајни несреќи. Ако истражувањето се покаже успешно, 3-Д пешачки премини ќе бидат поставени во целиот Вестминстер.

Слични пешачки премини веќе се тестирани во Исланд, Индија, Нов Зеланд и во САД.