Во Лондон од денеска стапи на сила новата драстична мерка против аерозагадувањето, откако во централниот дел на градот почна да функционира Зоната на ултраниска емисија на штетни гасови.
Според оваа мерка, на старите возила кои повеќе загадуваат ќе им се наплаќа влез во оваа област во кое било време. Сообраќајните власти се надеваат дека на овој начин во Лондон ќе се намали бројката на автомобили кои повеќе загадуваат и се проценува дека со оваа мерка секој ден ќе бидат погодени 40.000 возила. Исто така, се очекува загадувањето од сообраќајот да се намали за 45% во наредните две години.
„Важно е да направиме напредок во борбата против загадениот воздух во градот. Ова е фантастичен прв чекор“, изјави градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
Возилата што не ги исполнуваат стандардите секој ден ќе мора да платат 12,5 фунти за влез во зоната. Ова се однесува на мотоциклите постари од 12 години, бензинските возила постари од 13 години и на дизелските возила постари од четири години. И автобусите и камионите ќе мора да ги исполнуваат или надминуваат Еуро 6 стандардите, односно да не бидат постари од девет години, или ќе плаќаат 100 фунти на ден. Секој што нема да сака да плати ќе се соочи со казна од 160 фунти.
Зоната до 2021 година ќе биде и проширена.