НА ФЛОРИДА ФАТЕН НАЈГОЛЕМ ПИТОН ДОСЕГА – ЕКСПЕРТИТЕ СО ДЕЦЕНИИ СЕ МАЧАТ ДА ГИ ИСКОРЕНАТ

Мајами, (Гардијан)

Ловци на змии фатија питон за кој велат дека е најголем виден досега во мочуриштата на националниот парк Еверглејд на Флорида: женка долга 5,2 метри и тешка 63,5 килограми. Огромниот рептил исто така носел 73 јајца.

Екологистите се мачат да пронајдат начин како да ги искоренат мјанмарските питони од паркот уште од 1980-ите, кога во дивина првпат биле пуштени неколку прераснати домашни миленици. Други, пак, избегале од фарма по ураганот Ендрју во 1992 година.

Студиите покажале дека брзото размножување на питоните придонесло популацијата на ракуни, рисови и опосуми да падне за 88-99%, додека други видови, како зајаци и лисици, целосно исчезнале. Експретите веруваат дека во Еверглејд живеат десетици илјади змии.

„Целата наша работа се фокусира на контролирање на овие инвазивни видови, кои претставуваат значителна закана по локалниот див свет“, велат научниците од групата „Биг сајпрес“.

Југоисточна Азија е природниот дом на мјанмарските питони, на кои тропската клима на Еверглејд многу им одговара.