ПОГОЛЕМ ОД АВТОБУС – „СОНИ“ СОЗДАДЕ ОГРОМЕН ЕКРАН ВО 16К РЕЗОЛУЦИЈА

Јокохама, (Би-Би-Си)

„Сони“ го создаде најголемиот екран во 16К резолуција на светот, кој е поголем од автобус.

Со димензии 19,2 со 5,4 метри, тој е изложен во новиот истражувачки центар на јапонската козметичка компанија „Шисеидо“ во Јокохама, но експертите велат дека ќе бидат потребни децении пред оваа технологија да стане широко достапна.

Екранот на „Сони“ содржи 16 пати повеќе пиксели од 4К телевизор и 64 пати повеќе од регуларен 1080п телевизор, што сликата ја прави многу подетаљна од обично. Ова им овозможува на гледачите да стојат блиску до екранот, а сликата да не биде матна.

„Полека се движиме кон телевизорите во 8К резолуција, така што 16К, најверојатно, во почеток ќе биде ограничена на корпоративниот свет. Но, нема сомнение дека ќе се појави“, вели аналитичарот Дејвид Мерсер.

Огромната инсталација на „Сони“ е креирана од неколку модуларни панели, така споени што оставаат впечаток како да е еден екран. Компанијата ја нарекува оваа технологија „Кристал ЛЕД“.