Париз и светот вчера во шок и неверување гледаа како гори катедралата Нотр Дам, ремек-дело на готската архитектура и бисер на светското културно наследство. По неколкучасовна борба со огнот, пожарникарите ја спасија катедралата од целосно уништување, во раните утрински часови успеаја и огнот да го стават под контрола, но изгоре средновековниот покрив и се урна препознатливата кула од 12. век.
- Изградбата на катедралата почнала во 1163, во времето на кралот Луј Седми, и завршила во 1345 година.
- Голема обнова била направена во 17. и 18. век.
- На структурата доминираат двете кули од 13. век, високи по 68 метри и потребно е да се искачат 387 скали за да може да се ужива во панорамскиот поглед на Париз.
- Трите големи розетни прозорци се направени во 13. век и нивната судбина е непозната по пожарот. Јужниот прозорец има дијаметар од околу 13 метри, но тој беше оштетен и во претходни пожари.
- Катедралата има десет ѕвона, а најголемото, наречено Емануел, тежи 23 тони и било поставено во јужната кула во 1685 година.
- Покривот беше дрвена конструкција и се проценува дека биле искористени 1.300 дрвја за да се направи.
- 13 милиони луѓе годишно го посетуваат Нотр Дам, односно 30.000 на ден.
- Нотр Дам е дом на непроценливи уметнички дела и реликвии и тука се чуваа Круната од трње и ленената туника на Сен Луј, кои на време биле изнесени.
„Најлошото е избегнато и заедно повторно ќе ја изградиме Нотр Дам“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.