Претседателот на Франција Емануел Макрон вети дека катедралата Нотр Дам ќе биде целосно обновена по вчерашниот катастрофален пожар и прв кој понуди финансиска помош беше милијардерот Франсоа-Анри Пино.
Педесет и шестгодишниот Пино е извршен директор на компанијата „Керинг“, во чија сопственост се и прославените модни брендови „Гучи“, „Ив Сен Лоран“ и „Баленсијага“, и претседател на групацијата „Артемис“, која, меѓу другото, раководи со аукциската куќа „Кристис“. Пино од 2009 година е во брак со холивудската ѕвезда Салма Хајек и заедно имаат ќерка.
Семејството Пино најави дека ќе донира 100 милиони евра за обнова на Нотр Дам.
„Јас и мојот татко Франсоа решивме да издвоиме 100 милиони евра за реконструкцијата на Нотр Дам“, соопшти Пино, чие богатство „Блумберг“ го проценува на 37,3 милијарди долари.
Веднаш потоа се огласи и Бернар Арно, кој важи за најбогат човек во Европа. Претседателот на групацијата за луксузни добра „ЛВМХ“ најави дека ќе донира двојно повеќе – 200 милиони евра.
„Семејството Арно и групацијата ‘ЛМВХ‘, во знак на солидарност со оваа национална трагедија, ќе се вклучат во обновата на оваа исклучителна катедрала и симбол на Франција“, се вели во нивното соопштение.
Според последните податоци, Арно располага со богатство од 91,3 милијарди долари.